11.ОКТОМВРИ НА ЗЛАТИБОР
(Сирогојно-Дрвенград-Мокра Гора-Врњачка Бања)
(09.10.2025 – 12.10.2025)
„Гледај високо, диши длабоко... Ова е Златибор“!
09.10.2025 (четврток)
21:30 часот заминување на групата од Кавадарци и во 23:00 часот од Скопје (пред туристичките агенции) кон Србија. Патуваме со туристички автобус преку граничниот премин Табановце, со попатни одмори.
Прв ден: 10.10.2025 (петок)
Пристигнување во Златибор во утринските часови. Краток одмор од патувањето. Потоа заминување кон етно селото Сирогојно каде ќе ја разгледаме единствената музејска поставка под отворено небо со педесетина оригинални куќи-брвнари кои прикажуваат како изгледале куќите во златиборските села пред повеќе од два века. Во музејскиот комплекс доминира куќа од типот на златиборската брвнара изградена во комбинација на камен и дрво а околу неа се наоѓаат помошните простoрии: гостинска куќа, млекара, амбар, занаетчиска работилница, штала... Во 70-те години од минатиот век жените се погрижиле селото да не остане познато само по етно музејот; успеале да го лансираат еден од најголемите српски модни брендови - џемперот плетен од волна од врвен квалитет и украсен со шари од автентични златиборски мотиви. Пауза за кафе и закуска во некој од рестораните во Сирогојно а потоа враќање во Златибор. Сместување на групата во хотелот „Vila Borova-Wellness&Spa resort“ - 3*** (https://vilaborova.com/ ), модерен комплекс од апартмански тип кој се наоѓа недалеку од центарот на Златибор. Слободно попладне за одмор и за релаксација во спа центарот на хотелот- затворен внатрешен базен, хидромасажна када, топли клупи, арома туш и тропски дожд, парно купатило, финска сауна, фитнес центар (бесплатно користење). Во вечерните часови можете да уживате во убавините на овој туристички центар - Златиборското Езеро, Кралскиот Плоштад со огромно шеталиште и малиот трговски центар во кој се наоѓаат голем број ресторани и бутици. Ноќевање.
Втор ден: 11.10.2025 (сабота)
Појадок. Заминуваме кон Мокра Гора каде не` очекува возбудливо патување со популарниот воз Ќира. Оваа пруга во минатото била врската на Европа со Јадранско Море, а денес на релација од Мокра Гора до станицата Шарган Витаси сообраќа Шарганската Осмица. За време на патувањето, ќе имате можност да уживате во импресивните предели на планините Златибор и Тара, а од видиковците каде попатно се застанува се гледа целата природна убавина. Од таму се упатуваме на ридот Меѓавник каде по замисла на филмскиот режисер Емир Кустурица е изградено етно селото Дрвенград. Самиот Кустурица за Дрвенград ќе рече: „Измислив град кој изгледа како во него отсекогаш да се живеело. А не се живеело никогаш“. Изградено за потребите на снимањето на филмот „Животот е чудо“, селото потсетува на вистински град: на самиот влез има голема влезна капија од каде започнува главната улица која се протега се до другиот крај каде се наоѓа мала дрвена православна црква со дрвено ѕвонче посветена на Свети Сава, градена по угледот на руските црквени брвнари. Во централниот дел на селото е плоштадот поплочен со дрвени коцки и опколен со брвнари кои се автентични и пренесени од околните села. Во секоја од нив се содржините карактеристични за секој град: хотелот Меќавник, галерија со слики, библиотека, кино сала сместена под земја, слаткарница со домашни колачи и природни сокови, национален ресторан и продавница со народни ракотворби од тој крај... Улиците во селото добиле имиња по познати личности од науката и културата. Така, главната улица го носи името на Иво Андриќ, а покрај неа се улиците Ернесто Че Гевара , Диего Марадона, Миодраг Петровиќ Чкаља, а една улица го носи и името на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ. Стручното жири на Бриселската Фондација за архитектура оваа градба ја прогласила за најдоброто архитектонско остварување во изминатите три години во Европа. Дрвенград веќе има статус на град хотел со 4 ѕвезди, исто како што е Свети Стефан во Црна Гора. Слободно време за разгледување на етно селото и за уживање во вкусните специјалитети во ресторанот и слаткарницата. Во попладневните часови враќање во Златибор. Слободно време за индивидуални активности и прошетки. Ноќевање.
Трети ден: 12.10.2025 (недела)
Појадок. Се одјавуваме од хотелот и заминуваме кон Македонија со попатна посета на Врњачка Бања. Слободно време за индивидуални прошетки. Во попладневните часови продолжуваме кон Македонија. Пристигнување во вечерните часови.
ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ.........179 евра (11.100 денари)
(плаќање во денарска противвредност)
Во цената на аранжманот се вклучени следните услуги:
- Превоз со туристички автобус
- Две ноќевања со појадок во хотелот „Vila Borova-Wellness&Spa resort“ - 3***
- Користење на базенот во хотелот и wellness центарот
- Посета на Сирогојно со вклучена влезница во Музејот на отворено
- Билет за возење со популарниот воз Ќира на Мокра Гора
- Организирана посета на етно селото Меѓавник на Дрвенград со вклучена влезница
- Посета на Врњачка Бања
- Локален туристички водич за разглед на Златибор, Сирогојно и Дрвенград
- Организација на аранжманот и лиценциран туристички придружник на патувањето
Во цената на аранжманот не се вклучени следните услуги:
- Туристичка такса – 1.50 евра по лице од ден (се плаќа во агенцијата)
- Доплата за еднокреветна соба - 50 евра (за две ноќевања)
- Деца од 11.99 години плаќаат 70 % од цената
- Патничко осигурување
За реализација на патувањето потребни се минимум 35 патници